Меси на Инстаграм следи само четири фудбалски клубови, два се англиски

Додека Лионел Меси бара начин како најбезболно и пријателски да се раздели со Барселона, клубот чија икона стана со игрите во претходните 15 години, од Барса немаат намера да отстапат од својот став, а тоа е или да се плати откупната клаузула од 700 милиони евра, или Меси нема да биде ослободен да оди во друг клуб.

Се ближи денот (недела) кога играчите на Барселона треба да одат на лекарски прегледи, а веќе в понеделник стартуваат со тренинзи. Меси има дилеми дали да се појави или не. Ако не се појави, може да добие парична казна, но ќе направи притисок. Ако сепак реши да се појави, прашање е дали ќе сака да тренира со тимот кој планира да го напушти. Тренерот Роналд Куман рече дека не му требаат играчи кои не сакаат да бидат во клубот.

На Меси, татко му и адвокатскиот тим кој го има ангажирано, им претстои тешка битка, можеби и правна по судови, за добивање исписница од Барселона. Ако добие дозвола да си оди, Меси веројатно ќе се пресели во Манчестер сити, иако и ПСЖ и Интер не се предаваат, и бараат начини како да го привлечат.

Многумина шпекулираат дека Меси веќе го направил изборот, а тоа е Сити. Граѓаните се еден од само четирите клуба кои Меси ги следи на Инстаграм. Другите три се Барселона, Њуелс Олд бојс и Челзи.

- Оглас -

Најнови вести