Аргентина со 2:1 ја победија Боливија во Ла Паз, во меч на кој Аргентинците прекинаа една голема негативна низа. За Аргентина ова беше прва победа во последните 15 години на гостување кај Боливија. Натпреварите кои се играат во Ла Паз се можеби и најтешките гостувања во светот затоа што стадионот се наоѓа на 3.600 метри надморска висина.
Низ годините наназад, кога Меси со Аргентина гостувал на овој терен, се случувало дури и да повраќа, а на Анхел ди Марија да му се дава боца со кислород. Синоќа Гаучосите одиграа одличен меч и за првпат по 2005 година се радуваа на победа.
Боливија водеше со 1:0, но гостите собраа сили и направија целосен пресврт, па на крајот се радуваа. Победата е уште позначајна, ако се знае дека селекторот на Боливија, Цезар Фаријас, пред дуелот најавуваше дека неговите играчи сакаат да го „изедат џигерот на Аргентинците“. Сепак, гостите не само што не се уплашија, туку и ги скротија Боливијците.
По завршување на дуелот, малку фалеше да има и тепачка, а во главна улога беa Меси и Морено, кој го даде голот за домаќините. Според пишувањата, по завршувањето на дуелот, Меси го испровоцирал Лукас Наво, еден од домашните тренери, со зборовите „Е*и се. Кој ѓавол ти е кучкин сине“. Потоа настана мешаница во која се вклучи и Морено, но, за среќа, останатите кои беа на теренот спречија да има поголем инцидент.