Меси: Сити и Јувентус се опасни, Роналдо беше импресивен

Барселона вчера убедливо го совлада Лион со 5-1 и го осигури пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Аргентинецот сјаеше со два погодоци и две асистенции и практично сам го одведе шпанскиот првак меѓу најдобрите осум екипи во Европа.

Во пресрет на ждрепката за четвртфиналните парови, Меси ги потенцираше екипите кои се меѓу фаворитите за освојување на посакуваниот пехар.

„Сите можни противници се комплицирани. Секој на посебен начин има квалитет, погледнете ги Манчестер сити и Јувентус колку се силни, или пак Ајакс, група млади играчи кои не се плашат од никого. Нема простор за потценување, ќе биде тешко без разлика кого ќе добиеме за противник, ќе биде тешко“, истакна Меси.

Меси го прашаа и дали го проследил мечот меѓу Јувентус и Атлетико Мадрид, а тој имаше само пофални зборови за настапот на Кристијано Роналдо, кој со хет-трик ги елиминираше „јорганџиите“.

„Искрено се изненадив од Атлетико, мислев дека ќе пружат поголем отпор, но она што го направи Кристијано беше импресивно. Тој имаше магична ноќ“, додаде Меси.

Потенцијалните противници на Барселона во четвртфиналето се Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Тотенхем, Порто, Јувентус и Ајакс. Ждрепката за паровите ќе се одржи утре, во Нион, со старт од 12 часот.

- Оглас -

Најнови вести