Ми се смееја што на тренинг доаѓав со Ауди, па Руни ми го позајми неговотo Ламборџини

Еден од најдобрите аргентински фудбалери кои настапувале во Премиер лигата, Карлос Тевес, во интервју за „И-Ес-Пи-Ен“ откри еден интересен момент од периодот кога ги бранеше боите на Манчестер јунајтед. Популарниот „Апачи“ се присети на ситуацијата по која стана најдобар пријател со Вејн Руни.

Двајцата голгетери беа страшен тандем, особено во сезоната 2007/08 кога Јунајтед ја освои двојната круна – Премиер лигата и Лигата на шампионите. Нивното разбирање на теренот е производ од една комична ситуација за време на еден од тренинзите, набрзо по преселбата на Тевес на „Олд трафорд“ од редовите на Вест хем.

„Имав претчувство дека со Вејн добро ќе се согласувам бидејќи некои негови особини ме потсетуваа на мене. Како да гледав во огледало кога сфатив од каде доаѓа и низ што сè морал да помине за да стигне до ова ниво. Единствено што не ми беше јасно, е зошто доаѓа на тренинг со неговото „ферари“, како и сите останати играчи што доаѓаа со скапите спортски автомобили. Дури и оние најслабите, играчите кои ниту играа ниту придонесуваа за резултатите на тимот, се појавуваа со „ферари“ или „ламборџини“. Јас го возев „аудито“ што ми го даде клубот кога потпишав, а сите ми се смееја како да доаѓам со „фиќо“. Кога ги прашав зошто ми се смејат, Руни дојде до мене и ми ги даде клучевите од неговото „ламборџини“, истакна Тевес.

Од тој ден, двете ѕвезди на Јунајтед ја зацврстија професионалната врска, како и комуникацијата вон клупските обврски, а сето тоа се примети на терените.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести