Милан доби „двојка“ од клупската легенда

Милан игра исклучително лошо на стартот од новата сезона под палката на Марко Џампаоло. По шест меча, некогашниот европски првак претрпе четири порази и го зазеде 16-тото место на табелата во Серија А со шест бода.

Таквите резултати го донесоа Џампаоло пред отказ, а воедно го натераа раководството на Милан да се пушти во потрага по „пожарникар“ кој ќе го гаси пожарот во клубот. Андриј Шевченко, миланската легенда беше еден од кандидатите, но селекторот на Украина не сака да ја напушти репрезентацијата.

Новинарите го затекнаа Шевченко низ улиците на Милано, што дополнително ги загреа шпекулациите, но тој ја откри причината на неговата посета.

„Во Милано сум бидејќи сакам да ги следам моите репрезентативци, особено Малиновски во Аталанта. Бев и на вечера со неколку функционери од Милан, но само поради што долго време сме пријатели и сакаме да се дружиме одвреме-навреме. Го сакам Милан, но јас имам обврска со репрезентацијата на Украина и потполно сум посветен на таа работа. Сакам да ја однесам Украина на Европското првенство во 2020 година“, се изјасни Шевченко.

Шевченко е селектор на Украина од 2016 година, а засега е на добар пат да ја одведе селекцијата до групната фаза на ЕП преку претстојните квалификации бидејќи во групата Б се на првото место со 13 бода по пет меча, пред европскиот првак Португалија.

- Оглас -

Најнови вести