Жестоки реакции по елиминацијата на Барселона од Лигата на шампионите изнесе поранешниот фудбалер на клубот и светски шампион со Франција од 1998 година, Кристоф Дугари.
Тој не го поштеди Ламин Јамал, порачувајќи му дека мора да покаже многу повеќе од талент за да се смета за играч од светска класа.
Според него, Јамал премногу зборувал, а премалку покажал во клучните моменти. Иако младиот напаѓач постигна гол на почетокот од реваншот, Французинот тврди дека потоа бил незабележлив.
„Даде гол во четвртата минута. И што потоа? Тоа само покажува дека не е кандидат за Златната топка“, изјави Дугари, јасно изразувајќи разочарување од неговиот придонес. Во анализата отиде и чекор понатаму, споредувајќи го со Усман Дембеле: „Дембеле сигурно ќе постигнеше уште неколку голови. Малиот Ламин го имаше својот момент на слава и ништо повеќе.“
Иако признава дека талентот не е спорен, Дугари нагласува дека тоа не е доволно.
„Очигледно има талент, но далеку е од тоа да биде еден од најдобрите во светот“, рече тој.
Најдиректниот дел од критиката се однесуваше на менталитетот на младиот шпански фудбалер.
„Ако веќе зборуваш многу, погрижи се твојот тим да победува. Во кој свет живееш? Во реалниот свет не правиш ништо“, порача Дугари. „Не сум убеден дека Барселона заслужи да помине понатаму со оглед на неговата игра. Има преголемо его“, заклучи тој.

