Мино Рајола пристигна во Милано за да преговара со Милан за своите двајца фудбалери чиј менаџер е тој, а преговори ќе се водат за Џанлуиџи Донарума и за Алесио Ромањоли.
Според очекувањата, двете страни лесно ќе се договорат за стоперот Ромањоли, кој има важечки договор со Милан до 2022 година, но сака да продолжи да игра за гигантот и тука не се очекуваат проблеми за условите за продолжување на соработката.
Многу поголем проблем е еден од најдобрите голмани на светот, Донарума, а компликациите ги прави Рајола. Менаџерот инсистира во новиот договор да има клаузула за исплата на бонус од 30 милиони евра ако Милан се пласира во Лигата на шампионите.
Росонерите играат импресивно во Серија А, лидери се со 4 победи и едно реми, а серијата без пораз им е неверојатна и трае од 8 март годинава, па речиси е извесно дека ќе успеат да се пробијат до настап во луксузната европска лига.
Донарума има важечки договор до крајот на оваа сезона и многу понуди од европски гиганти, во прв ред од Јувентус и од Пари Сен Жермен.