Милевски: Белгија е во Топ 5 селекции во Европа, но ние нема да се предадеме

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, верува во успешен настап на следните два меча во квалификациите против Белгија и Казахстан, но потенцираше дека повторно има проблеми со повредени и недоволно закрепнати фудбалери.

„Имаме еден дебитант во составот, тоа е Стефан Деспотовски. За жал, имаме проблеми со повредени играчи и фудбалери кои се неизвесни за настап, како што се Миовски и Алими. Но, Македонија докажала дека секогаш кога имала проблеми, била на висината на тоа што се барало, па верува дека така ќе биде и овојпат на дуелите против Белгија и Казахстан“, вели Милевски.

Селекторот потенцира дека Белгија е една од најдобрите репрезентации во светот, но дека нема предавање.

„Во моментов целиот фокус е насочен на дуелот со Белгија.  Според мене, тоа е една од Топ 5 репрезентациите во Европа. Имаат индивидуален квалитет на највиско можно ниво, но и тимски дух. Тоа е многу сериозен ривал и имаме сериоззна задача, но ние ќе го дадеме максимумот, па ќе видиме што ќе донесе самиот дуел. Тие имаат нов селектор. Руди Гарсија ги водеше на двата меча против Украина и веќе ги има запознаено фудбалерите. Тоа е селекција со многу добро познати играчи кои играат во најсилните лиги и во најсилните екипи. Имаме доволно информации да ги анализираме. И пред почетокот на квалификациите реков дека е неблагодарно Македонија да се надева и да има амбиции да биде на првото место во оваа група“, потенцираше селекторот Милевски.

Собирот на репрезентацијата е утре напладне, а неколку часа подоцна треба да се одработи и првиот тренинг.

- Оглас -

Најнови вести