Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, призна дека Германија била поквалитетна на овој меч и дека гостите заслужено победиле.
„Честитки за победата на Германија. Сосема заслужено се радуваа, но јас не можам, а да не бидам задоволен од играта, посебно во првото полувреме, кога успешно се браневме и имавме транзицијата во нападот, но, за жал, не успеавме да искористиме некоја од тие можности. Сите четири, баш сите четири гола се од наши индивидуални грешки. Нема врска со поставеност со тактика, мислам дека момците одговорија. По првиот гол паднавме физички. Недоволната физичка подготовеност доведоа да се случат тие индивидуални грешки“, рече Милевски.
Според селекторот, причината за поразот е тоа што во второто полувреме паднала концентрацијата на дел од играчите и не успеале да му парираат на противникот, кој во текот на целиот меч игра во жестоко темпо.
„Адеми е многу важен играч за тимот, во тактичката поставеност и во замислите. Стефан го замени и мислам дека добро го замени. Против една селекција како Германија не е доволно да се одигра само едно прво полувреме. Ако сакаш да оствариш добар резултат, мора да се биде на врвно ниво во сите 90 минути“, објасни Милевски.
„Загубивме со резултат според тоа што го покажавме во првото полувреме. Незаслужен толку голем пораз. Ѝ благодарам на публиката, можам да се извинам за играта во второто полувреме, но тоа беа индивидуални грешки, а тие се составен дел од играта. Да го заборавиме ова второ полувреме и да продолжиме на двата меча до крајот. Не се откажуваме од трката за второто место во групата Ј“, заврши Милевски.