9.8 C
Skopje
среда, 19 ноември 2025

Милевски е вториот најуспешен селектор во македонската фудбалска историја

Во малку повеќе од 30 години фудбалска историја на Македонија, Благоја Милевски е 18-ти стратег кој ја предводел најсилната наша репрезентација. Повеќе од четири години Милевски е на чело на националниот тим, а неговиот актуелен договор истече по синоќешниот дуел во Кардиф против Велс.

Милевски досега ја предводи Македонија на вкупно 43 натпревари и има позитивен биланс од 17 победи, 12 нерешени и 14 порази, со гол-разлика од 46 дадени и 37 примени гола. Тоа е 39,53 отсто на победи на Милевски како предводник и ако се гледа процентуално, тој е вториот најуспешен селектор во нашата историја, од сите тренери кои барем петпати биле на клупата.

Поуспешен од него е само Игор Ангеловски, кој во 52 натпревари има 23 победи, 11 нерешени и 18 порази (44,23 отсто победи) со гол-разлика 83:62. На оваа листа потоа следуваат Чедомир Јаневски и Ѓоко Хаџиевски со по 35.71 отсто победи на мечевите на кои биле селектори. Јаневски во 14 меча има пет победи, едно реми и осум порази, додека кај Хаџиевски статистиката покажува 10 победи, седум нерешени и 11 порази.

Од селекторите кои најмалку петпати биле на чело на Македонија, над 30 отсто победи имаат само уште Мирсад Јонуз (35%) и Среќко Катанец (33,33%). Интересно е дека единствен со перфектни 100 отсто победи е Гоце Седлоски, кој бил привремен селектор само на еден меч на кој Македонија славеше со 1:0 против Литванија во пријателски дуел.

- Оглас -

Најнови вести