Милевски: Фудбалерите се исцрпени, но имаат мотив и енергија за дуелите против Украина и Англија

Фудбалската репрезентација на Македонија на 10 јуни (сабота) ќе го има официјалниот собир за јунските натпревари од квалификациите за ЕП 2024 година. На 16 јуни во Скопје ќе гостува Украина, а дуелот се игра на национална арена „Тодор Проески“. Три дена подоцна, односно на 19 јуни ќе гостуваме на „Олд Трафорд“ во Англија.

Поголемиот дел од повиканите фудбалери за овие два меча, односно играчите кои веќе завршија со клупски активности, го одработија првиот дел од подготовките со националниот тим.

Дени Илиев, Езѓан Алиоски, Јован Манев, Енис Барди, Аријан Адеми и Илија Несторовски поради обврски во клубовите, не беа во можност да се стават на располагање за подготовките од 2 до 8 јуни на тренинг-центарот „Петар Милошевски“, додека Елиф Елмас денеска одработи тренинг со своите репрезентативни колеги.

„Повеќето од фудбалерите се собраа, очекуваме и останатите да ни се придружат во следните три дена. На 12 јуни треба да бидеме комплетни на тренинг откако ќе пристигнат Алиоски, Адеми и Илиев. Исклучително сум задоволен од оваа фаза на подготовки. Фудалерите иако уморни од сезоната во клубовите, покажаа ангажираност, професионален пристап и голем ентузијазам. Се обидовме да постигнеме одреден баланс во однос на физичката исцрпеност и енергијата која ќе ни треба за следната фаза подготовки и натпреварите кои нè очекуваат. Акцентот сега го ставивме на физичката подготвеност, а веќе од 10 јуни се насочуваме на техничко-тактичка анализа и тоа ќе биде фокусот на тренинзите. Украинците ќе ги предводи нов селектор кој ќе го промени системот на игра, но ние веќе навикнавме на промени кои во најмала рака ни ја отежнуваат работата во однос на подготовка на натпреварите. Таков беше случајот и пред мечот со Малта. За нас е најважно да бидеме силни на тренинзите кои ни следуваат и целосно да се вложиме и тактички и физички. Иако е крај од сезоната, сигурен сум дека фудбалерите имаат мотив и енергија за уште два  силни натпревари“, вели Милевски во изјава за сајтот на ФФМ.

 

- Оглас -

Најнови вести