Милевски и официјално претставен за нов селектор на македонската селекција до 21 година

Благоја Милевски денес во ФФМ беше претставен за старо-нов селектор на репрезентацијата до 21 година. Милевски потпиша двегодишен важечки договор, според кој на позицијата ќе се задржи до 2021 година.

По нецела една година, Милевски се враќа на добро познато место и ќе се обиде да го повтори историскиот успех од пред две години, кога Македонија за првпат се пласира на Европско првенство, кое се одржа во Полска.

„Ми претставува чест и задоволство што ФФМ изрази желба повторно да соработуваме. Се надевам дека ќе имаме успешна соработка во иднина. Се наоѓаме пред предизвик. Имаме тешка група во која Шпанија е фаворит, но група во која ќе се надигруваме со сите ривали. Професионалноста, пред сè, ќе ја одликува оваа селекција, тие што ќе се прилагодат на тој начин ќе бидат дел од тимот. Имавме селективен камп во Анталија, одигравме три меча и сите подеднакво добија шанса. Задоволен сум од тоа што го видов, без оглед на резултатите, задоволен сум како игравме. Секако, целта е пласман на Европското првенство. Тоа не значи дека на фудбалерите ќе им наметнеме притисок дека мора да се пласираат на ЕП. Ние не сме Шпанија, Бразил или Германија. Мора да направиме сѐ ако ни се укаже шанса. Комплексот од пониска вредност е зад нас, а тоа е поткрепено и кога ќе ја видам селекцијата А, во која шестмина играчи се првотимци од оваа селекција и уште тројца се меѓу 18-те во составот“, истакна Милевски.

Младата репрезентација до 21 година во квалификациите за ЕП 2021 е во група со Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарски Острови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести