Милевски ќе добие нов договор од ФФМ, странските тренери биле многу скапи!?

Македонската фудбалска репрезентација овој месец ќе ги заврши квалификациите за Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија, а нашата селекција нема да биде дел од завршницата.

До крајот на квалификациите останува да гостуваме на Италија во Рим на 17 ноември, а три дена подоцна на арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе бидеме домаќини на Англија. Четвртото место ќе биде загарантирано за Македонија, што значи дека само аутсајдерот Малта ќе заврши зад нашата селекција.

Со завршување на квалификацискиот циклус, завршува и договорот на актуелниот селектор Благоја Милевски. Многу шпекулации, нагаѓања има за тоа дали и кој ќе биде селектор на Македонија во следниот период.

Според пишувањата на „СпортСпорт“, Управниот одбор на ФФМ на седницата одржана во петокот во Кичево дал „зелено светло“ да се преговара за продолжување на договорот на Милевски. Актуелниот селектор работи за 7.000 евра месечна плата, а ако биде продолжен договорот, условите би останале исти.

Летово се споменуваа неколку тренерски имиња од регионот дека може да бидат наследници на Милевски, но тие барале многу поголема плата од таа што сега ја добива актуелниот предводник на македонскиот национален тим.

Милевски беше промовиран за селектор на 1 август 2021 година, кога дојде на местото на Игор Ангеловски, веднаш по дебитантскиот настап на Македонија на Европско првенство. Освен во квалификациите за ЕП 2024 година, Милевски го предовдеше тимот и во Лигата на нации, каде што Македонија во група со Грузија, Бугарија и Гибралтар заврши на третото место, само пред аутсајдерот Гибралтар.

- Оглас -

Најнови вести