Милевски: Македонија не е случајно тука, треба да уживаме и да победиме

Селекторот Благоја Милевски фаворитската улога на утрешниот меч против Португалија им ја додели на домашните, но тоа не значи дека Македонија се предава однапред.

„Залудно е да се трошат зборови за квалитетот на Португалија. Има извонредни играчи, не би издвоил никого, би набројувал многу. Респект за сето тоа што го направиле, но ние не сме дојдени како туристи. Туку да уживаме и да победиме. Никој не очекуваше дека една мала Македонија ќе се најде во ситуација да игра финале за пласман на СП. Играчите треба да уживаат во моментот. Немаме повредени играчи, се надевам така ќе остане и по тренингот. Стартните 11 се познати. Ова ќе биде сосема различен меч од тој со Италија, со различни индивидуални квалитети, друг стил на игра, договореното да се пренесе на терен. Секоја чест на сите, но фудбалот е друга димензија на глобално ниво. Патот до успех во фудбалот е тежок, се среќавате со сериозни квалитети и традиции. Ова е правец и показател како да работиме во иднина. Секој меч е посебна приказна и статистиката не мора ништо да значи. Ќе биде мотив и ветер во грб за тимот кој прв ќе даде гол, но не значи дека ќе се заврши успешно за тој тим. Кристијано е можеби најдобар на светот години наназад, но тој не игра сам, туку и останатите 10-мина. Португалија не е само Роналдо, ќе треба да се сконцентрираме на тимот, не на поединци. Фаворитот е јасен, тоа е Португалија и според рејтинг и традиција, но Македонија не е случајно тука“, рече Милевски на прес-конференцијата во Порто.

- Оглас -

Најнови вести