Милевски: Очекувам победа против Летонија, но ќе биде потешко отколку во Рига

Селекторот на машката македонска фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, на денешната прес-конференција пред ноемвриските мечеви од Лигата на нациите потврди дека целта е две победи и освојување на првото место во групата.

Македонија игра дома со Летонија и Фарски Острови.

„Прво да им посакам добредојде на двајцата дебитанти Алчевски и Фета. Се надевам дека ќе се наметнат со својот потенцијал и во иднина ќе бидат важна алка во националниот тим. За жал, нема да игра Тихо Костадинов, а Муслиу и Трапановски се под знак прашалник. Сите сме свесни за важноста на овие два меча. Наша примарна цел е да завршиме на првото место, каде што сме сега. Секој меч го почнуваме со цел да победиме. Очекувам победа против Летонија, но очекувам многу потежок дуел од тој во Рига“, рече селекторот.

Милевски изрази надеж дека македонските фудбалери ќе добиваат поголема минутажа во своите клубови, но сите тие кога се со репрезентацијата, имаат посебен предизвик и даваат и повеќе од својот максимум.

За дуелот со Летонија, Милевски рече дека клучно ќе биде да ја наметнеме нашата игра.

„Летонија сака да игра фудбал, бара да го има поседот на топката кај себе. Ние добро одговоривме на средбата во Рига, наша цел е и во Скопје да ја наметнеме нашата игра и да имаме контрола на топката. Повеќе од потребна ни е поддршката од публиката. Ние сме спортска нација, но дури и кога не оди како што треба, без разлика дали е тоа во кошарка, ракомет или фудбал, треба да се даде поддршка“, заклучи Милевски.

Првиот собир на селекцијата е на 11 ноември, на три дена пред првиот меч.

- Оглас -

Најнови вести