Милевски: Против Украина ќе играат оние кои се приближно до потребниот натпреварувачки ритам

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски очекува фудбалерите кои утре ќе излезат на мегдан против Украина да го дадат максимумот. Милевски уште еднаш потенцираше дека добар дел од репрезентативците не се на потребното натпреварувачко ниво, но и тоа дека на тренинзите се работи максимално.

„Како и секогаш, може да очекуваме Македонија да го даде максимумот. Момците кои ќе бидат на теренот да се борат. Ќе играат оние кои се приближно на оној потребен натпреварувачки ритам. На тренинзите сите одлично работеа, видов желба кај сите. Физички мора да бидеме максимално подготвени за да може да парираме на Украина“, вели Милевски, кој додава дека направил добра анализа на противникот.

Пред неколку дена Украина одигра 3:3 против Германија, во дуел на кој имаа водство од 3:1 до неколку минути пред крајот.

„Украина како тим функционира одлично. Тоа го покажа и на дуелот против Германија, кога одиграа 3:3. Сигурно нивната поставеност утре ќе биде поинаква од тоа што играа против Германија, но ние сме подготвени. Го анализиравме тој меч и уште неколку и заклучокот е дека се работи за одлична селекција. Мора да бидеме и над нашето ниво ако сакаме да бидеме успешни утре“, заклучи селекторот кој утре нема да биде на клупата поради суспензијата од еден меч.

- Оглас -

Најнови вести