Милевски верува и во вториот ешалон: Да бидеме компактни и агресивни и против учесник на Мундијалот во Катар

Благоја Милевски има шанса да го провери и таканаречениот втор ешалон репрезентативци на Македонија утре од 16.30 часот против Саудиска Арабија, откако грото од стандардните играчи не можеа да бидат на располагање за дуелот во Абу Даби.

Во составот има актуелни и потенцијални репрезентативци од калибарот на Дарко Велковски, Егзон Бејтулаи, Кристијан Наумовски, потоа и Дориев, Младеновски и дуото Хасани и Ибраими, кои имаат настапи за А селекцијата, и уште дузина квалитетни играчи, дел од нив од нашата Прва лига.

„Нашата цел за овој натпревар е на теренот против силен противник да го видиме квалитетот и потенцијалот на фудбалерите. Се разбира дека ќе бидеме задоволни доколку можеме да сметаме на нив и во иднина. Тоа е всушност основната намера на стручниот штаб. Доколку фудбалерите потврдат дека индивидуалните квалитети можат да ги пренесат во функција на тактичките замисли за натпреварот, тогаш ќе знаеме дека сме на добар пат“вели Милевски.

Натпреварот е од затворен тип, со можност за настап на сите повикани фудбалери. Нашиот селектор вели дека веројатно шанса ќе добијат сите повикани.

Саудиска Арабија е одличен ривал за проверка на можностите на една комбинирана македонска селекција, а утрешниот противник се тестира против нас за настапот на Мундијалот во Катар во ноември и декември.

„Ја анализиравме селекцијата на Саудиска Арабија, иако со оглед на тоа дека мечот е од затворен тип, или тренинг-натпревар, ќе има многу промени и шанса ќе добијат веројатно сите фудбалери. Акцентот го ставаме на нашата игра и можноста да ги исполниме тактичките замисли. Работиме добро на подготовките и утре треба сите да се увериме дека можеме да ја постигнеме целта. Против репрезентација која е учесник на Светското првенство мораме да бидеме и компактни и агресивни, но и трпеливо да ја бараме својата шанса“, изјави Милевски.

 

- Оглас -

Најнови вести