Милосављев: Загреб секогаш игра добро против нас, но бевме одговорни

После победата на Вардар од 27-18 во Загреб, со што „црвено-црните“ дојдоа на прагот на пласман од четвртфиналето во Лигата на шампионите во ракомет, голманот Дејан Милосављев кој беше прогласен за играч на натпреварот, рече дека одговорната игра на двете страни од теренот биле клуч.

Србинот имаше 14 одбрани. Реваншот е на 30 март во „Јане Сандански“.

„Добро го анализиравме противникот, одигравме многу добар натпревар. Загреб секогаш игра добро против нас, но овојпат бевме одлични, одигравме одговорно во одбраната и во нападот, имавме среќа, ги користевме шансите. Чест ми е што одиграв ваков меч во ваква атмосфера, се надевам дека ќе одиграме добро и во Скопје и со победа ќе го завериме четвртфиналето“, рече Милосављев кој ги излуде Хрватите.

Тренерот Роберто Парондо изјави дека е горд на својот тим.

„Морам да им честитам на моите играчи за одличното издание, навистина сум горд на нив. Среќен сум, завршивме добра работа, одигравме цврст меч и покажавме за што се подготвувавме изминатиот период“, изјави Парондо.

Во ППД Загреб го претрпеа најтешкиот домашен пораз сезонава и признаа дека во првото полувреме добиле лекција која ќе ја паметат, а не се надеваат премногу дека може да направат чудо во Скопје.

„Не сакам ни да зборувам дали имаме шанса на реваншот. Вардар ни одржа лекција. Во првото полувреме одигравме недопустливо, под секакво ниво“ – призна Давид Мандиќ.

КРИШТОПАНС ЈАДЕ АЈВАР, ЗАТОА ИГРА ТОЛКУ ДОБРО

Десното крило на Вардар, Хрватот Иван Чупиќ, за ХТВ даде интересен одговор на прашањето со што се храни Даинис Криштопанс.

„Ниту ние не се надевавме на ваков добар резултат. Изгледаше дека е лесно, ама не беше. Одбраната беше феноменална, голманот одбрани сѐ што можеше. Со што го раниме Криштопанс? Со ајвар, хахахаха.. и со печурки. Сезонава тој е локомотивата на Вардар. Кога имаме црни минути, само нему му ја фрламе топката и тој погодува од секаде. Главен е во најтешките мигови, дај Боже да остане здрав до крајот на сезоната“, рече Чупиќ.

- Оглас -

Најнови вести