ТФТ Скопје конечно почна да игра според очекувањата во деби сезоната во АБА 2 лигата и со триумфот против Спарс Илиџа денеска со 102:78 успеа да врзе две победи по ред.
По стартните пет порази, тафталиџани успеаја да се прилагодат на начинот на игра и на ривалите во Втората јадранска лига, во која за првпат играат и почнаа да победуваат.
Денеска ги добија сите четири четвртини, што е реткост во кошарката, а имаа и многу расположени и ефикасни поединци.
Првото полувреме го добија со 55:49, а под команда на Џермеин Бишоп, кој беше најефикасен кај скопјани со 18 поени, успеаја да победат убедливо со 24 поени разлика.
Мината беше и стотката, за првпат во седмиот настап за ТФТ Скопје во ова издание на АБА 2 лигата, а одлично одиграа и Ташовски и Мек Брејер со по 16 поени, Андерсон со 15, Батрик и Николов со по 12, а и сите останати беа на потребното ниво.
Со биланс од 2-5, ТФТ Скопје се проби на десеттото место со 9 бода. Пред нив е Пелистер со 10 бода, но и меч помалку.
Првите 8 екипи ќе играат плејоф за пласман во АБА-лигата.