Минесота го елиминира Голден стејт, Бостон победи и без најголемата ѕвезда (Видео)

Кошаркарите на Минесота тимбервулвс се пласираа во финалето на Западната конференција откако без поголеми проблеми ја „исчистија“ екипата на Голден стејт Вориорс во серијата.

Минесота игра фантастично во плејофот, а тоа го демонстрираше и во серијата против Голден стејт, во која славеше со 4-1 и заслужено се пласира во финалето на Западната конференција.

Минесота тимбервулвс покажа зошто е меѓу фаворитите за освојување на НБА-титулата, а конечниот удар на ривалот го зададе синоќа, во петтиот натпревар, во кој победи со 121-110.

Домашниот тим имаше предност од самиот почеток на натпреварот, која не ја испушти до крај, а таа континуирано растеше со секој напад.

На полувремето резултатот беше 62-47 за домашните, а по третата четвртина Минесота водеше со 93-72, па беше јасно дека патот кон финалето е веќе осигуран. Единствено што успеа да направи Голден стејт беше да ја намали предноста, но на крајот Минесота победи со 121-110.

Минесота до победата ја водеше Рендл, кој натпреварот го заврши со 29 поени, осум скокови и пет асистенции, а се истакна и Едвардс со 22 поени, 12 асистенции и седум скокови.

Во редовите на Голден стејт најефикасен беше Подземски со 28 поени, а два помалку постигна Куминга.

Одличен натпревар синоќа одиграа и Бостон селтикс и Њујорк никс, кои продолжија со драмата во оваа серија. На крајот Селтикс победија убедливо со 127-102 и поведоа со 3-2 приближувајќи се до пласман во финалето на Источната конференција.

Бостон до победата го водеше Вајт со 34 поени, а се истакна и Браун со 26 поени, 12 асистенции и осум скокови.

Кај Њујорк никс најефикасни беа Харт со 24 и Брансон со 22 поени.

Минесота во финалето на Западната конференција го чека подобриот од дуелот Оклахома – Денвер (3-2), додека на Истокот веќе е позната Индијана, која го победи Кливленд со 4-1 во серијата.

- Оглас -

Најнови вести