Младите Шпанци се пласираа на ЕП, им се приклучија и Русија, Данска, Англија и Швајцарија

Младата репрезентација на Шпанија ќе го продолжи континуитетот со настапи на Европските првенства за играчи до 21 година по победата против Казахстан од 3:0.

Со головите на Санмартин и на Гомес, двата во второто полувреме, Црвената фурија очекувано славеше победа во Алкоркон и си обезбеди учество на финалниот турнир што идната година во март ќе го организираат Унгарија и Словенија.

Шпанија е лидер во шестата група со 22 бода, 8 повеќе од Македонија на две кола до крајот на квалификациите, што е недостижна предност.

Нашата репрезентација треба да игра со Црна Гора и со Израел, но и со две победи тешко ќе биде меѓу петте најдобри второпласирани селекции од деветте групи кои заедно со победниците во сите групи ќе им се приклучат на Унгарија и на Словенија на младинскиот континентален собир идната година.

Досега со Шпанија пласман на ЕП обезбедија и Данска, Русија, Швајцарија и Англија, а блиску до печат за настап се и Франција, Холандија, Португалија, додека сè уште е неизвесно во неколку групи за вкупно 14 места од квалификациите за учество во Унгарија и Словенија.

Завршниот турнир ќе се игра најпрво по формат од четири групи со по 4 селекции од 24 до 31 март, а двете најдобри од секоја група ќе играат фајнал-ејт турнир во двете земји домаќини на ЕП од 31 мај до 6 јуни.

Финалето ќе се игра во Љубљана на 6 јуни.

 

- Оглас -

Најнови вести