Познатиот и обично доброинформиран италијански новинар, Николо Скира, објави дека Торино нема да го откупи Елиф Елмас од Лајпциг затоа што сметале дека цената од 17 милиони евра е превисока.
Елмас во полусезонава беше еден од најдобрите поединци во редовите на Биковите од Торино, даде и 4 гола на 13 меча во Серија А, но клубот решил да не го задржи, одлука која предизвика незадоволство кај фановите на Торино, барем според коментарите под објавата на Скира на социјалните мрежи. Прашањето е дали немаат пари или не го ценат доволно македонскиот Дијамант.
Пред некој ден Елмас изјави дека би сакал да остане во Торино.
„Добро ми е тука, храната е убава, животот добар, враќањето во Италија беше добар потег за мене. Тука е многу поразлично од Германија, каде што во 18 часот сè се затвора и нема што да правиш“, изјави Елмас.
Се шпекулира дека Елмас може да остане во Италија, и тоа во Фиорентина, а интерес за него има и од Ајакс и од еден англиски премиерлигаш.