Реал Мадрид по голема борба синоќа се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите откако на пенали го елиминира градскиот ривал Атлетико. Речиси по два и пол часа исцрпувачка борба на теренот, во која ветеранот Лука Модриќ одигра 65 минути.
Хрватот е уникат затоа што Реал Мадрид нема пракса во своите редови да има толку стар фудбалер, но годините за Модриќ се само бројка. Тој е „мозокот“ на тимот во средината на теренот, а вели дека е подготвен за следниот предизвик, а тоа е гостување кај Вилјареал во првенството.
Тој меч се игра за два дена, што значи дека малку време има за Кралскиот клуб да се одмори по синоќешната исцрпувачка борба со Атлетико и да се подготви за предизвикот против Вилјареал.
„Сигурен сум дека сум подготвен да играм на секои три дена. Но, конечното решение е кај тренерот Карло Анчелоти. Јас се чувствувам добро и можам да одиграм два, три и повеќе меча по ред, и тоа без никаков проблем. Во одлична форма сум и секогаш сум подготвен да му помогнам на тимот“, е цитатот на Модриќ кој го пренесе реномираниот новинар Фабрицио Романо на социјалните мрежи.
Модриќ сезонава одигра 43 меча, во кои постигна четири гола, а има и седум асистенции.