Модриќ му се налути на Винисиус и му „одржа лекција“, тренерот Анчелоти застана на страна на капитенот

Реал Мадрид се намачи, но на крајот победи со 3:2 на гостувањето кај Леганес и си обезбеди место во полуфиналето на Купот на Шпанија. Кралскиот клуб водеше со 2:0, но Леганес стигна до 2:2, но во последните моменти од мечот, младиот Гонзало Гарсија постигна гол за 3:2 во 90+3 минута.

Лука Модриќ беше предводникот на Реал Мадрид на теренот. Ветеранот даде гол за 1:0, а покажа зошто е и вистински лидер во тимот. Во второто полувреме, кај Реал во игра влезе Винисиус јуниор, а Бразилецот во финишот од мечот доби жолт картон, и тоа поради реакција кон главниот судија.

Тоа беше дури 11-ти жолт картон што Винисиус го доби сезонава, па поради јавните опомени, веќе има пропуштено неколку мечеви. Непримерното однесување на Винисиус наиде на реакција и кај Модриќ.

Капитенот на Реал Мадрид веднаш му се развика на Винисиус да престане да коментира, поради што добива картони.

По мечот, тренерот Карло Анчелоти беше запрашан да го искоментира конфликтот меѓу Модриќ и Винисиус, а италијанскиот тренер без дилеми знаеше на чија страна да застане.

„Модриќ бил лут на Винисиус? Не знам што се случило, но ако Модриќ нешто му рекол, тогаш тоа било исправно. Секогаш се согласувам со Лука Модриќ“, јасно рече Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести