Модриќ стана третиот странец со најмногу настапи за Реал, Анчелоти вели дека Лука уште е во топ форма

Реал Мадрид минимално со 1:0 го победи Реал Сосиедад на гости и потврди зошто шампионскиот пехар од првенството, оваа сезона ќе заврши во витрините на „Сантијаго Бернабеу“. Еден од најзаслужните за оваа победа на Реал е ветеранот Лука Модриќ кој беше стартер и одигра до 84 минута кога беше заменет со Лукас Васкес.

По мечот, тренерот на Реал, Карло Анчелоти имаше само пофални зборови за Модриќ кој иако има 38 години, уште е во топ форма.

„Како и на претходните мечеви, Лука покажа дека се наоѓа во оптимална физичка подготвеност. Во второто полувреме одлично ја контролираше топката, со што многу помогна да се намали притисокот на противникот. Неговата кондиција е спектакуларна, може да игра и во вторник“, рече Анчелоти. Следниот дуел на Реал е в вторник и тоа на гости кај Баерн Минхен во првата пресметка од полуфиналето во Лигата на шампиони.

На дуелот против Сосиедад, Модриќ прослави и еден убав рекорд. За Хрватот тоа беше 527 натпревар во дресот на Реал Мадрид и се израмни со Роберто Карлос на третото место како странци со најмногу настапи во историјата на Кралскиот клуб. Пред Модриќ од странците сега се само Марсело со 546 настапи и Карим Бензема со 548 натпревари во белиот дрес на гигантот од Мадирд.

Модриќ на крајот од сезонава ќе се израдува на титулата во Примера и тоа ќе биде негов 25-ти трофеј во дресот на Реал со што ќе се израмни со Марсело и Бензема кои имаат 25 пехари во кралскиот клуб. Хрватот може да ги престигне овие двајца доколку Реал ја освои и Лигата на шампиони. Актуелниот договор на Модриќ со Реал завршува на крајот од оваа сезона.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести