МОК ја „освежи“ РФМ со 50.000 долари

Македонскиот олимписки комитет (МОК) за понатамошно унапредување на македонскиот ракомет обезбеди финансиски износ од 50.000 американски долари, од кои 40.000 веќе се префрлени на сметката на Ракометната федерација на Македонија. Парите се наменети за најдобрите македонски ракометари кои ќе учествуват на Светското првенство во Германија и Данска, односно за нивните подготовки.

Вечерва, од 20 часот, ракометната репрезентација игра пријателски меч со Србија, што ќе биде единствена контрола од отворен карактер во подготвителниот период за избраниците на Раул Гонзалес пред заминувањето за Германија.

МОК обезбеди и дополнителни 10.000 долари за обука на тренери на Универзитетот за физичко образование и спорт во Будимпешта, Унгарија, каде што еден македонски тренер ќе престојува на тримесечна обука на овој престижен спортски универзитет.

 

 

- Оглас -

Најнови вести