Големата армија на навивачи на Вардар сè уште го паметат 30 јули во 2003 година како ден во кој нивниот миленик забележа една од најзначајните победи во 73-годишната историја на клубот.
Во Москва, во второто квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите на денешен ден се играше првиот меч меѓу ЦСКА Москва и Вардар, а македонскиот тим славеше со 2:1. Победа што потоа беше одбранета во Скопје со реми 1:1 за пласман во третото квалификациско коло и епски двомеч со Спарта Прага.
Вардар тргна на пат кон главниот град речиси прежален, но се врати како херој со сензационална победа. По два брзи контранапади, Влатко Гроздановски и Дош Сантош Вандеир со голови во 54-тата и во 64-тата минута го нокаутираа апсолутниот фаворит, кој потоа намали на 1:2, но не успеа да се закрепне од шокот ниту во Москва, ниту 7 дена подоцна во Скопје, па Вардар излезе како победник во двомечот.
https://twitter.com/FKVardar/status/1288918941297971201?s=20
Во една анализа на руските медиуми, поразот на ЦСКА Москва од Вардар и елиминацијата на рускиот гигант од нашиот најтрофеен клуб беа прогласени за најголем фудбалски дебакл во историјата на клупскиот спорт во Русија.
Скопје и Македонија во жешкото лето пред 17 години ги тресеше невидена фудбалска грозница, а двата двомечи со ЦСКА Москва и потоа со Спарта Прага, што, за жал, Вардар го загуби, се меѓу најдраматичните спортски настани во историјата на македонскиот спорт.