Екипите на Монако и Олимпијакос се на само еден чекор од пласман на завршниот турнир во кошаркарската Евролига, откако максимално го искористија домашниот терен и дојдоа до водство од 2-0 против вечните шпански ривали.
Монако и вторпат убедливо славеше над Барселона, овој пат со 92-79, откако успеаја да ги добијат првите три четвртини, додека „каталонците“ го добија само последниот период, кој воедно беше и најнеефикасен со само 27 поени.
За разлика од првиот меч, Олимпијакос на вториот дуел против Реал Мадрид успеа да победи далеку потешко. Грчкиот претставник на првиот натпревар победи со 12 поени разлика, но сега разликата беше едноцифрена, само шест поени, откако во драматичната завршница, Олимпијакос победи со 77-71.
Сериите сега се селат во Барселона, односно Мадрид, а на Монако и Олимпијакос потребна им е само по една победа за пласман на завршницата, односно во полуфиналето.