Ансу Фати, некогашната голема надеж на Барселона, е на чекор до преселба во Франција, a новиот клуб треба да биде Монако. Според шпанскиот весник „Мундо депортиво“, трансферот е во напредна фаза и покрај интересот што го покажал и англискиот Челзи.
Дваесет и двегодишниот напаѓач не успеа да се избори за место во тимот под водство на Ханси Флик минатата сезона. Иако запиша 11 настапи во сите натпреварувања, не успеа ниту еднаш да се запише во листата на стрелците, што дополнително ја намали неговата минутажа и довербата во него.
Фати има важечки договор со Барселона до 2027 година, а во јануари одби неколку понуди, дури пет, во обид да се избори за нова шанса. Но, сега ситуацијата е променета.
Монако ќе го ангажира Фати на позајмица со право на откуп, а договорот ќе содржи и клаузула што ѝ овозможува на Барса да го врати назад по одредена цена доколку одлучи дека сака повторно да смета на него.
Во исто време, Монако е активен и на други фронтови. Францускиот клуб е заинтересиран и за голманот Давид де Хеа, кој блескаше во дресот на Фиорентина оваа сезона со 42 настапи. По враќањето од кратката пауза, поранешниот голман на Манчестер јунајтед повторно се докажа на големата сцена.
Иако има можност да го продолжи договорот со Виолетовите до 2028 година, Де Хеа сериозно размислува за понудата од Монако и за нов предизвик во Лига 1.