Алваро Мората, напаѓачот на Јувентус и на шпанската репрезентација, даде изненадувачки одговор на прашањето во кој клуб би сакал да ја заврши играчката кариера. Верувале или не, 28-годишниот Мората сонува на крајот на кариерата да заигра за мадридскиот Хетафе.
„Би сакал да се повлечам како играч на Хетафе. Благодарение на тој клуб јас денеска сум тоа што сум“, изјави Мората, кој беше во младинскиот тим на Хетафе во 2008 година, пред да се пресели во Реал Мадрид, а со тренирање фудбал почна во Атлетико.
Мората во моментов игра за Јувентус, но црно-белиот дрес на гигантот од Торино нема да му биде последен во кариерата. Мората во сениорската кариера има играно за Реал, Атлетико, Челзи и Јуве.