Му се погоди моментот на Чурлинов, ја прифати понудата на Андерлехт и ќе игра за 34-кратниот првак

Дарко Чурлинов ќе се пресели од Штутгарт во Андерлехт во трансфер што ќе тежи околу пет милиони евра, сума што белгискиот рекордер со 34 титули прифати да им ја плати на Германците.

„Скај“ објави дека македонскиот репрезентативец веќе ги договорил и личните услови и дека сега само формалност е преселбата од Бундеслигата во популарната Жупилер лига на Белгија.

Чурлинов ќе потпише договор со Андерлехт до 2027 година, а си замина од Штутгарт две години пред истекот на договорот што беше важечки до 2024 година.

На еден од најмладите македонски репрезентативци му се погоди и моментот, кога Андерлехт го продаде Серхио Гомес на Манчестер сити за 15 милиони евра, па има пари да го купи Чурлинов.

Дарко досега во професионалната кариера играше само во Германија, и тоа за втората и првата екипа на Келн, за двете екипи и на Штутгарт, а беше член и на Шалке 04 лани камо позајмен играч ,кога му помогна на тимот од Гелзенкирхен да се врати во Бундеслигата.

За првпат ќе игра надвор од Германија, а изборот му е одличен бидејќи се работи за европски гигант со рекордни 34 домашни круни и освоени пехари во УЕФА купот, двапати во Купот на победниците на куповите и двапати со пехарот во Суперкупот на Европа.

- Оглас -

Најнови вести