Му требаа 190 трки за да стигне до првата победа во Ф1 шампионатот

Серхио Перес е победник на денешната трка на патеката „Сахир“ во Бахреин. За мексиканскиот возач ова е историска трка затоа што за првпат по 190 стартови во Ф1 шампионатот успеа да стигне до првата победа. Второто место е за Окон, а трет е Строл.

Неверојатна беше трката во Бахреин, а на Перес на крајот му се посреќи. Ако Перес е среќникот на денот, Џорџ Расел, кој на оваа трка беше повикан од тимот на Мерцедес да вози на местото на светскиот првак Луис Хамилтон, е малерот на трката. Младиот Британец имаше одлична трка, во поголем дел беше во водство, но на крајот заврши на деветото место.

Првата драматична ситуација за Расел се случи во 63-тиот круг, кога влезе во боксот да му ги сменат гумите, но механичарите направија катастрофална грешка и му ставија погрешни пневматици. Британецот веќе во следниот круг мораше повторно да оди во боксот, па го загуби лидерското место и се најде на петата позиција.

Расел и тогаш не загуби надеж дека може да победи, па стигна до второто место, но кога требаше да го нападне лидерското место на Перес, се случи нов малер и пукна една од задните гуми, па мораше повторно да оди во боксот. Тука завршија и неговиот сон за прва победа во кариерата, но се оствари сонот на Перес за прва победа во Ф1 шампионатот.

Дека ќе биде драматична трка се виде уште во првиот круг, кога имаше инцидент во кој настрадаа Леклер и Ферстапен.

- Оглас -

Најнови вести