Мундијалот во 2022 може да биде „Последниот танц“ на Лео Меси

Лукас Билја, некогашниот аргентински репрезентативен фудбалер, а актуелен играч на Милан, верува дека успешната кариера на неговиот сонародник Лионел Меси може да испише славна страница и крај како на филм доколку Аргентина со Меси стане светски првак на Мундијалот во Катар во декември 2022 година. Меси тогаш ќе има 35 години и тоа ќе му биде последна шанса да освои светска титула.

Документарецот „Последниот танц“ посветен на кариерата на Мајкл Џордан може да инспирира многумина да направат такво нешто и за Меси доколку тој ја освои толку посакуваната титула која му недостасува. Меси најблиску до светската титула беше во 2014 година, но за малку се разминаа со пехарот бидејќи Германија го доби финалето против Гаучосите со 1-0.

Меси освои многу трофеи со Барселона, но црна дамка му се неуспесите со националниот тим, со кого нема освоено ниту Светско првенство, ниту Копа Америка. Разочарувањата се редеа во изминатите 15-тина години, но сето тоа може да се заборави ако им донесе СП во Катар.

„Го гледав филмот за Џордан, одличен е. Ме натера да размислам дека за некоја година вакво нешто може да се направи и за нашиот феномен Меси. Би сакал во иднина да видам сцена со Меси како онаа на Џордан, кога го гушка пехарот за НБА шампион и плаче. Сакам да го видам Меси со пехарот од Светското првенство. Знам колку многу би му значело тоа нему лично и на аргентинскиот народ“, вели Билја.

- Оглас -

Најнови вести