Жозе Мурињо разговараше со новинарите по пристигнувањето во Лисабон за да потпише договор со Бенфика.
Специјалниот треба да потпише двегодишен договор со Орлите на чија клупа седеше неколку месеци и во 2000 година.
„Мислев дека враќањето во Португалија ќе ми биде за да станам селектор. Не беше планирано да дојдам во Бенфика. Бенфика ме праша дали сум заинтересиран за соработка. Одговорив дека со задоволство ќе разговараме. Без двоумење им реков: „Да, ме интересира“. Кој тренер би ја одбил Бенфика? Секако јас не“, изјави Мурињо.
Се очекува клубот денеска и официјално да го претстави својот нов тренер. Иронијата е што Мурињо после пораз баш од Бенфика, беше сменет од кормилото во Фенербахче.
Бенфика го отпушти Бруно Лаге од функцијата главен тренер веднаш по сензационалниот пораз од Карабах во Лигата на шампионите во вторникот вечерта.
Фото: Андре Карваљо/А Бола