Жозе Мурињо пред помалку од 20 дена беше назначен за нов тренер на Тотенхем и во овој период успеа да загуби во двата дуели со своите поранешни клубови, Манчестер јунајтед и Челзи. Во првиот меч, Тотенхем загуби на гости на „Олд Трафорд“ од Манчестер, а вчера беше поразен на свој терен од Челзи со 2:0 во лондонското дерби.
Челзи уште во првото полувреме даде два гола и потоа рутински ја одбрани позитивата во вториот дел. Интересно е што Мурињо вели дека голем дел од заслугата за победата на Челзи има поранешниот тренер на екипата од „Стемфорд бриџ“, Антонио Конте, кој сега е на чело на Интер.
„Не е тешко да се признае дека беа подобри од нас во првото полувреме. Играа во систем кој е многу релаксирачки. Тоа е систем кој во претходните две години го играа со Антонио Конте како тренер. Многу играчи на Челзи добро го познаваат овој систем, а тоа се: Алонсо, Аспиликуета, Канте, Вилијан… Ни создадоа проблеми во првиот дел. Мечот во основа се играше на нашата половина, и покрај тоа што не ни создадоа многу шанси. Но не ми е проблем да признаам дека беа супериорни. Сепак ако гледате на головите, тие не паднаа поради таа супериорност“, анализираше Мурињо, кој едноставно го загуби дуелот со неговиот „ученик“, Френк Лампард.