Мурињо во свој стил ги реши Гвардиола и Манчестер сити

Одбранбената тактика на Жозе Мурињо повторно се покажа како функционална и добра за победа. Во дербито на колото во Премиер лигата, Тотенхем со 2:0 го победи Манчестер сити и лондонскиот тим покажа дека има сили да биде во трка за Топ 4 на табелата.

Сити има зошто да жали на овој меч. Гостите во првото полувреме пропуштија шанса да победат, но Гундоган промаши пенал. Граѓаните доминираа на теренот, но Тотенхем одлично се бранеше. Ситуацијата се смени кога во 60 минута Зирченко доби црвен картон (втор жолт).

Само три минути подоцна, дебитантот во дресот на Тотенхем Стивен Бергвајн постигна прекрасен гол за водство на домаќините. Бергвајн е 250-тиот играч кој погодил во дебито на Премиер лигата. Целата дилема околу победникот беше решена во 71 минута кога прецизен беше и Сон. Ударите на Бергвајн и Сон беа и единствените два прецизни шута на домаќините кон голот на Сити.

Едноставно Мурињо во својот препознатлив стил со дефанзивна игра стигна до победа против еден од најнапаѓачките тимови во Европа. На крајот, статистиката покажа дека Тотенхем имаше само 32 отсто посед на топка. Сити изведе четири корнери повеќе, гостите имаа дури 18 удари кон голот на Тотенхем од кои 5 беа во рамките на голот, но ниеднаш не се израдуваа.

Со овој пораз, Манчестер сити остана 22 бода зад лидерот Ливерпул, што е знак дека титулата во Премиер лигата оваа година и дефинитивно може да биде предадена на гигантот од „Енфилд роуд“.

- Оглас -

Најнови вести