Никелот не е скап за Аеродромци – МЗТ Скопје води со 2:0 против кавадарчани

МЗТ Скопје води со 2:0 во победи во финалето од плејофот во домашното првенство, откако вечерва го победи Еуроникел со 95:91 во Гевгелија.

Кавадарчани повторно пружија сериозен отпор и повторно попуштија во самиот финиш на мечот. МЗТ со подобра игра во последните 3 минути направи предност од 91:83 што го одлучи и вториот меч во финалето.

Првиот го доби МЗТ Скопје со 83:81, а слично сценарио имаше и во вториот дуел денеска. Еуроникел најави реванш, ја доби првата четвртина со 30:22, но гостите полека, но сигурно ја топеа предноста и на крајот пак победија.

Бојан Крстевски повторно одигра одличен меч за скопјани и со 22 поени ги предводеше до нова победа. Магдевски уфрли 20 поени, а Гравет даде 15 поени.

Најефикасен на мечот беше Роберт Рикиќ кој постигна 31 поен, но клупата на Еуроникел немаше расположени поединци, па поразот беше неминовен.

МЗТ Скопје е домаќин на третиот меч, ќе се игра од 16 часот во недела и ако аеродромци победат ќе ја освојат титулата.

 

 

 

Еуроникел

 

- Оглас -

Најнови вести