МЗТ ги искористи слабостите на Работнички и со рекорд ја потврди „единицата“

МЗТ Скопје Аеродром го порази Работнички со 85-63, што е најубедлив триумф на „штрковите“ во меѓусебните пресметки со градскиот ривал. Досегашниот рекорд беше во старата сала „Јане Сандански“ со разлика од 21 поен. Со оваа победа, МЗТ се одвои на првото место на табелата во Суперлигата со два бода повеќе од актуелниот првак.

Работнички е во криза, ова му е трети пораз по ред, а во 28-мата минута останаа и без единствениот центар во екипата, Бојан Крстевски, кој го свитка глуждот, па Марин Докузовски како единствени високи играчи во тимот ги има Ѓорѓи Чековски и Марјан Јанески.

МЗТ беше ослабен со неиграњето на Андрија Бојиќ, Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, но оние што настапија, ги користеа сите слабости на противникот, па дојдоа до рутинска и убедлива победа која воопшто не беше загрозена во второто полувреме. МЗТ имаше 24 скока повеќе и тоа е податок кој кажува каде домашните ја добија битката.

Иве Иванов со 26 поени и 10 скока, Предраг Самарџиски со 18 поени и 16 скока и Лестер Медфорд со 15 поени и шест асистенции беа најрасположени кај МЗТ, а свои моменти имаа и Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Џејмс Вудард. Чавдар Костов со 18 и Димитар Караџовски со 15 поени беа двоцифрени кај поразениот тим.

- Оглас -

Најнови вести