Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје, имаше одлично загревање пред настапот на првиот турнир од АБА-2 лигата и го совлада Гостивар во првиот меч од второто првенствено коло со 85-59.
„Штрковите“ не го повторија киксот од минатата сезона, кога двапати беа совладани од денешниот противник, и во Аеродром и во Гостивар, и уште од самиот старт на мечот диктираа темпо и имаа предност.
Најефикасен во екипата на МЗТ, воедно и на паркетот, беше Бојан Крстевски со 17 поени, додека во поразената екипа на Гостивар двајца кошаркари уфрлија по идентични 14 поени, Венсант и Инграм.
Вечерва се одигра и одложениот натпревар од првото коло, во кој Еуро Никел немаше милост за Академија ФМП и победи со 114-58 на гости во скопската населба Кисела Вода. Скопската екипа до последен момент беше неизвесна за настап и со крајни напори обезбеди доволен број на кошаркари за да го одигра натпреварот. Тодор Златев со 20 поени беше најефикасен во редовите на составот од Кавадарци, додека во домашната екипа најмногу се истакна Лука Петровски со 22 поена.