МЗТ Скопје Аеродром не дозволи да направи „од готово вересија“ и ја победи Подгорица

МЗТ Скопје Аеродром ја победи Подгорица со 78:74 во меч од шестото коло на АБА 2 лигата. За македонскиот првак ова е четврти триумф и моментално е на петтото место на табелата, зад четирите екипи коишто имаат по пет победи од шест средби.

Војдан Стојановски со 24 поени, Душан Танасковиќ со 20 поени и 12 скока, како и Седрик Расел со 16 поени беа најдобри кај МЗТ Скопје Аеродром, додека кај Подгорица се исткна Слај со 28 поени.

Подгорица подобро започна на стартот и поведе со 10:4, а истата предност ја имаше и на 21:15, па по првите 10 минути Црногорците заминаа со предност од три поени. МЗТ Скопје Аеродром на почетокот на втората четвртина поведе со 23:21, а најдобриот период во играта на македонскиот првак беше во завршницата од оваа четвртина. Подгорица имаше водство од 28:25, кога кошаркарите на МЗТ направија одлична низа од 14:1 и на полувреме стигнаа до двоцифрена предност (39:29).

Во третата четвртина МЗТ Скопје Аеродром стигна и до 52:38, но потоа Подгорица со низа од 9:0 намали на 47:52, што беше најава дека ќе биде неизвесно до крајот. Во последната четвртина, Подгорица успеа и да израмни на 68:68 на точно четири минути до крајот на средбата.

Тогаш следуваше мини серија од 5:0 за македонскиот првак за 73:68, а во последната минута МЗТ имаше предност од 75:70. Противникот не се предаде, стигна до 73:75 на 8,5 секунди до крајот, кога беше направен фаул над Бојан Крстевски, кој погоди само едно слободно фрлање.

Подгорица тргна во последен напад, но беше направен фаул над Слај, кој го погоди првото слободно фрлање, а потоа намерно го промаши второто, но не успеа да ја освои топката и МЗТ на крајот ја завери победата.

- Оглас -

Најнови вести