МЗТ Скопје Аеродром обезбеди место во плејофот на АБА 2 лигата

МЗТ Скопје Аеродром славеше со 77:73 против Горица во меч од 12. коло на регионалната АБА 2 лига. За македонскиот првак ова беше седума победа, која беше доволна за да го обезбеди местото во плејофот и да брка пласман во елитното натпреварување за следната сезона.

Штрковите одлично го отворија мечот и брзо стигнаа до солидна предност од осум поени (15:7), а потоа и до двоцифрена позитива од 23:13. Во втората четвртина, МЗТ во ниту еден момент не му дозволи на противникот да го превземе водството.

Дека Горица нема да се предаде лесно се покажа во второто полувреме. Во 25 минута, хрватскиот тим поведе со 48:43, но по три четвртини, повторно МЗТ ја врати позитивата и во решавачките 10 минути влезе со предност од 53:51. Во последната четвртина, нашиот првак само во две ситуации се најде на минус 1, а во останатиот дел го контролираше водството.

Во последната минута МЗТ Скопје влезе со предност од 68:66, а во клучните моменти најсмирен кај МЗТ Скопје беше Крстевски кој постигна тројка, а претходно беше прецизен и за два поени, за 71:66.

Во „пенал“ завршницата, Николов и Мекиќ погодија по две слободни фрлања и хрватскиот тим немаше шанси да ја стигне предноста на МЗТ. Вечерва од 21 часот игра и вториот македонски претставник во АБА 2 лигата, Работнички. Тимот од Градски парк ќе игра против Хелиос Домжале, но Работнички нема шанси за место во плејофот.

- Оглас -

Најнови вести