МЗТ Скопје Аеродром треба да му покаже на Спартак Суботица кој е газда во „Јане Сандански“

МЗТ Скопје Аеродром вечерва од 19 часот во „Јане Сандански“ ќе го пречека српскиот тим Спартак Суботица во првиот меч од полуфиналето во плејофот на АБА 2 лига. Ова е дуел кој едноставно аеродромци мора да го добијат и тоа со што е можно поголема разлика, ако сакаат да ги зголемат шансите за место во финалето и патот за враќање во АБА 1 лигата.

Овие два тима играа еднаш меѓусебе сезонава, а тогаш Спартак доминираше. Тимот од Суботица на средбата одиграна во декември, Спартак во еден момент од третата четвртина водеше и со 20 разлика (67:47), а на крајот победи со пет разлика (86:81).

Сепак сега е друг меч, влогот е многу поголем, МЗТ игра на домашен терен и едноставно треба да се искористи фактот дека ќе ја има поддршката од своите навивачи во салата. Влезот е бесплатен.

Тренерот на МЗТ, Васко Атанасов вели дека неговите играчи се подготвени максимално да се борат за секоја топка во текот на целиот меч, а не заборави да побара поддршка и од навивачите.

„Ова е еден од натпреварите за кои напорно работиме цела сезона, кои се идеален мегдан да покажеме од што сме создадени и на кои мора да ја оставиме буквално последната капка пот. Спартак Суботица е исклучително квалитетен противник, тим со сериозен буџет и амбиции, поради што мора да бидеме на највисокото можно ниво ако сакаме да дојдеме до посакуваниот триумф. Верувам дека ќе имаме огромна поддршка од трибините, бидејќи со помош на навивачите секогаш играме подобро. Секој човек ќе ни биде клучен, затоа ги повикувам сите со плаво-бела крв во вените да дојдат и да ни помогнат заедно да го совладаме силниот ривал“, изјави Атанасов во пресрет на денешниот дуел.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести