МЗТ Скопје го освои Сплит

МЗТ Скопје ја преживеа драмата на „Грипе“ и го победи Сплит со 78:76, со што остана на втората позиција во АБА 2 лигата.

Во самиот финиш беше многу возбудливо, а можеше да биде и кобно за гостите, бидејќи Вељачиќ со звукот на сирената не погоди тројка за победа на Сплит.

Сите дилеми околу победникот можеше да ги разреши славеникот Вудард. Американецот утна две слободни фрлања на 25 секунди до крајот. Домаќините, за среќа, не најдоа начин како да го погодат кошот на МЗТ Скопје, па се радуваа гостите и Вудард, кој слави роденден.

МЗТ лошо го почна мечот, првата четвртина ја загуби со разлика од 7 поени, но покажа победнички карактер во продолжението. Вториот период го добија со 24:10, што беше и пресврт на мечот. Во следната четвртина беше нерешено 13:13, па во последните 10 минути се влезе со предност на „штрковите“ од 59:52.

Се разигра и Сплит, Калајџиќ, Габриќ и Кобинс погодуваа, но, за среќа на МЗТ, без победнички ефект. Овие тројца кошаркари заедно постигнаа 50 поени.

Кај гостите од Скопје, Иве Иванов беше најпрецизен со 18 поени, Марко Симоновски даде 15, Дамјан Стојановски 14 и Џејмс Вудард 13.

За МЗТ ова е 12-та победа во 17 кола и нашиот вицешампион остана на делба на второто место со Спарс Сараево, а зад лидерот Приморска.

 

- Оглас -

Најнови вести