МЗТ Скопје задржа уште еден домашен производ

Македонскиот репрезентативец и еден од најперспективните високи кошаркари во нашата држава Андреј Маслинко (22) и трета сезона по ред ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром откако денеска потпиша нов едногодишен договор со македонскиот првак.

„Неговото задржување е нова потврда на нашите заложби за давање шанса на талентираните домашни играчи, кои во иднина би биле движечка сила на македонската кошарка во целост. Стручниот штаб предводен од тренерот Ѓорѓи Кочов од крилниот центар очекуваат да се наметне како една од (нај)важните алки во играта на нашиот тим и во целост да го покаже сиот свој раскошен талент“, велат од МЗТ.

Маслинко кариерата ја почна во Партизан Водно санс, од каде што уште на 16-годишна возраст се пресели во Италија, каде што две сезони мина во дресот на Стела Азура, а една во екипата на Пафони Омења. Потоа следуваше враќање во Македонија и по едногодишен престој во Работнички, се пресели во МЗТ, каде што ќе остане најмалку уште една сезона.

Талентираниот крилен центар минатата сезона настапи на 16 средби во домашното првенство со просек од 10,2 поени и 4,9 скока, а пропушти поголем дел од вториот дел од сезоната поради повреда.

- Оглас -

Најнови вести