МЗТ треба да се реваншира на Рогашка

МЗТ Скопје Аеродром вечерва од 19 часот во „Јане Сандански“ ќе игра против Рогашка, во меч од АБА 2 лигата. На свој терен сезонава, „штрковите“ имаат осум победи во девет меча, што значи дека се апсолутен фаворит против гостите од Словенија. Рогашка е очајна на туѓ терен, па сезонава има само една победа во девет натпревари.

Сепак, овие бројки не треба да залажуваат бидејќи на првата пресметка на овие два тима, Рогашка се радуваше на победа од 102:90. Сега МЗТ треба да се реваншира, со што ќе остане во трка за второто место на табелата. Влезот во салата е бесплатен.

„Секој следен натпревар во АБА2-лигата за нас е од исклучителна важност. Кошаркарите се свесни за тоа и знам дека не треба посебно да им потенцирам дека нѐ очекува завршниот дел за кој трениравме и се мачевме во текот на целата сезона. Рогашка е една од најдобрите шутерски екипи во Лигата, но верувам дека со максимална индивидуална и тимска одговорност и агресивна одбрана ќе успееме да се реваншираме за поразот во првиот дел од шампионатот во Слатина“, вели тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов.

По 19 одиграни меча, МЗТ има 13 победи и шест порази, додека Рогашка е со биланс од 7 триумфи и 12 неуспеси.

- Оглас -

Најнови вести