МЗТ во Копер може да зададе авторитетен удар
Доколку „металците“ како гости ја победат силната Приморска, ќе покажат дека во моментов се најсилни во втората АБА лига

Македонскиот вицешампион, МЗТ Скопје Аеродром, од 18 часот во Копер, ќе игра дерби на АБА 2 лигата против Сикст Приморска, и евентуално освојување на два бода, ќе ја потврдат кандидатурата за влез во главната јадранска лига.
„Сино-белите“ од Аеродром добро го почнаа настапот во регионалното натпреварување со две домашни победи против Хелиос и Борац, но ова им е прв меч надвор, и тоа гостување кај еден од најголемите ривали во борбата за првото место. И Приморска со два триумфи ја почна сезоната.
Тренерот Ѓорѓи Кочов мисли дека Приморска е најсериозен кандидат за пласман во АБА лигата, и има екипа која добро би играла и во најдоброто регионално натпреварување.
„Квалитетно се пополнети на сите позиции, имаат екстра центарска линија и играат агресивно. Нормално, имаат и слабости во играта, кои ќе се обидеме да ги искористиме со максимално пожртвувана и агресивна игра. Имаме ситни повреди во тимот, но верувам дека ако ни се укаже шанса, ќе може да дојдеме до посакуваните бодови“, – изјави стратегот на МЗТ.
Љубомир Младеновски и Иве Иванов имаат играно во словенечки тимови и добро се познати за Приморска, а член на словенечкиот тим е крилниот центар Иван Маринковиќ, кој играше за МЗТ.
Мечот на колото ќе биде директно пренесуван на телевизијата Арена Спорт 2.