MЗТ за една минута загуби добиен натпревар

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром загуби на гостувањето кај Сикст Приморска со 84:91, по петминутно продолжение. „Штрковите“ треба да жалат бидејќи прокоцкаа предност од 8 поени разлика на 79 секунди до крајот. После три кола во втората АБА лига, само Приморска и Сплит се со максимален учинок од 3-0.

МЗТ добро го отвори натпреварот, по водството на Приморска од 6-4, гостите направија серија од 8-0, а во два наврати (16-8 и 18-10), македонскиот тим водеше и со осум поени разлика, пред квартал да заврши со четири поени плус.

„Штрковите“ добро „летаа“ до 19 минута кога имаа 38-30 и напад, кој не го искористи Иванов, па Приморска со серија од 6-0 ја врати неизвесноста, но работата за МЗТ ја подисправи Медфорд со тројка и водство од 41-36 на голем одмор.

Третата четвртина, тимот на тренерот Кочов ја одигра очајно и во напад и одбрана. Медфорд и Стојановски беа единствените што даваа кошеви, а тоа не беше доволно, бидејќи домашните се разиграа и го решетаа кошот од повеќе страни.

Во последната четвртина се влезе со 61-55 за Приморска. Сето она што МЗТ го загуби ви третиот, си го врати во последниот период. На 79 секунди до крајот, македонскиот тим водеше со осум поени разлика, но Приморска со две тројки и двојка на Хоџиќ целосно се врати во игра за 33 секунди до крајот. Медфорд имаше прецизен шут за тројка, но времето беше истечено и средбата отиде во продолжение.

Екстра периодот донесе доминација на домашните, македонскиот тим не водеше ниту еднаш, и на крај загуби.

Вудард со 20 и Медфорд со 19 поени беа најефикасни кај МЗТ, но двајцата Американци имаа и 11 загубени топки заедно. Приморска собра неверојатни 19 офанзивни скока.

- Оглас -

Најнови вести