На чекор до историја: Ѓоковиќ ќе се бори за календарски слем, Медведев е последната пречка

Новак Ѓоковиќ дојде на чекор до тениска историја, ќе се бори за календарскиот слем по победата во пет сета над Александер Зверев со 4-6, 6-2, 6-4, 4-6, 6-2 во второто полуфинале на ОП на САД. Првиот светски рекет успеа да обезбеди битка против Данил Медведев за рекордна 21-ва гренлсем титула во кариерата, со која би ги надминал големите ривали Рафаел Надал и Роџер Федерер, а токму со победата ноќеска израмни рекорд на Швајцарецот со 31-виот пласман во едно гренслем финале.

Новак го „преживеа“ маратонот против расположениот Германец кој до топ 4 фазата во Њујорк стигна со серија од 16 победи и освоени златен олимписки медал и турнирот во Синсинати. Зверев поведе по првиот сет добивајќи го со еден клучен брејк, што беше најава дека битката ќе биде долга и неизвесна. Србинот одговори на тоа така што за 85 минути ги доби наредните два сета за пресврт од 2-1, но го извади најдоброто од противникот, па Зверев со помош на нов остварен брејк изнуди да се игра решавачки петти сет. Дека залудно го стори тоа, беше доказ што Ѓоковиќ со два украдени сервиси експресно освои пет гема по ред, па иако Зверев му ја одложи победата, Србинот за крај дојде до шести брејк на мечот и со првата меч топка успеа да слави.

Последната пречка на Ѓоковиќ до тениска бесмртност, ќе биде вториот најдобар тенисер во моментов, Данил Медведев, кој пак немаше проблеми против Феликс Ожер-Алијасим и го надигра во три сета со 6-4, 7-5, 6-2. Русинот по третпат во кариерата ќе игра гренслем финале, односно второ во Њујорк, откако првото го загуби во 2019 година од Надал, а памети и овогодишен пораз токму од Ѓоковиќ на Отвореното првенство на Австралија.

- Оглас -

Најнови вести