Фудбалерот од средниот ред на кинескиот клуб Далијан, Исник Алими, му се заблагодари на својот клуб што не му прави проблем околу дозволата да игра за македонската репрезентација.
Алими се најде на списокот на Благоја Милевски за дуелите со Лихтенштајн и Велс од квалификациите за СП 2026, а стружанецот вети дека ќе го даде максимумот и покрај напорните патувања кои го чекаат.
„Тоа е она што го нарекувам поддршка и гордост. Ви благодарам Далијан за големата поддршка. Ме чека долго патување и дистанца можеби од над 30 часови лет, но ќе бидам таму и ќе го дадам најдоброто од себе. Дел сум од репрезентацијата на Македонија за мартовските мечеви против Лихтенштајн и Велс“, објави Алими на својот профил на Фејсбук.
Инаку Алими има 31 година, игра во средниот ред, а за А тимот на Македонија одигра 13 меча, на кои даде два гола. Пред еден месец се појави податок дека Алими нема промашено пенал во кариерата, а извел 16. Пред да замине во Кина, две години играше за романскиот Сепси.