Италија на свој терен во Рим одигра 2:2 против Белгија, во меч од третото коло од Лигата на нации. Аѕурите со ова реми го прекинаа перфектниот учинок, но остануваат први во групата (7 бодови) во која се и Франција со 6 бодови, Белгија 4 и Израел без бодови.
Може да жалат Италијанците зошто не победија, бидејќи одлично го започнаа мечот и во првата минута поведоа со голот на Андреа Камбијасо, а веќе во 24 минута беше 2:0 кога погоди Матео Ретеги.
Сепак потоа работите тргнаа по лошо за домашниот тим, затоа што директен црвен картон доби Лоренцо Пелегрини, па од 38 минута Аѕурите останаа со играч помалку. Тоа го искористи Белгија и до крајот на првиот дел постигна еден гол, а Тросар со погодок во 61 минута израмни на 2:2, што на крајот се покажа и како конечен резултат.
Ова беше прв пат по пауза од цели 46 години, Италија на свој терен да има два гола предност, а на крајот да не победи. Последен пат тоа се имаше случено во февруари 1978 година кога Аѕурите играа 2:2 против Франција, а претходно имаа предност од 2:0. Тогаш еден гол за Франција постигна и Мишел Платини.